Имаме партиски октруирано обвинителство и судство
Борбата против корупцијата е можеби една од најголемите забелешки која ја слушаме изминативе денови а критиката се однесува на тоа зошто не апсиме. Нема да дозволам од тоа да правам естрада. Ниту имам намера како човек преку својата позиција и злоупотребите на иснтитуциите кои се дел од македонската влада да манифестирам сила, моќ и реваншизам. Тоа нема да се случи. Човечки е да се простува но исто така потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но има институции каде се водат тие процеси, има закон, има Устав пред кои тие што сториле криминал треба да одговараат, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод 100 дена Влада.
Мицкоски побара трпение од граѓаните, оти како што рече процесот е тежок.
„Имаме партиски октруирано обвинителство и судство. Зборувам за една мала група на обвинители и судии кои се партиски послушници кои го контаминираат правосудниот систем. И затоа тргнавме уште на почетокот во делот на реформи во правосудството и дадовме рок дека до крајот на септември чекаме предлози од оние што излегоа со критика. Вчера измина тој рок, ниту еден официјален предлог не стигна до нас. Сите оние што критикуваа дека сакаме да правиме чистка во правосудството и повторна партизација ги нема. Е затоа од денеска започнуваат реформите во правосудниот систем, граѓаните немаат повеќе простор за чекање и сум разочаран што не добивме ниту еден предлог како да се одвива реформата“, порача Мицкоски.
Додаде дека во наредниот период владата започнува со реформи во правосудството.
„Жалам што толкави огромни плати поединци добиваат на грбот на граѓаните а работата што ја испорачуваат е мала или мизерна. Затоа започнуваме со реформите и во периодот кој следи нема запирање во делот на правосудството. Борбата со криминалот и корупцијата продолжува голем дел од случаите се веќе разоткриени и се на виделина на јавноста“, додаде Мицкоски.