Балкан

Мицкоски за одвојувањето на Македонија: Се испраќа лоша порака, само се изживуваат врз нас

Мицкоски за одвојувањето на Македонија: Се испраќа лоша порака, само се изживуваат врз нас

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека уште кога бил во посета на Брисел било најавено дека најверојатно Албанија ќе ги почне преговорите и ќе се одвои од земјава, но нагласи дека тоа е лоша порака кон македонските граѓани, бидејќи државата во, како што рече над дводецениски пат кон интеграција во ЕУ сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, а кои најчесто немаат никаква врска со Копенхагенските критериуми. Тој и посака многу успех на соседна Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес и како, што рече, можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“.

Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егизбиционистички прифаќаше се, мафташе со европско знаме додека го ограбруваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски остапки без гаранции да прифаќаме услови – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, по посетата на Фондот за здравствено осигурување.

Нагласи дека сегашната поставеност на работите во однос на нашето членство е диктат и оти тој својот став го пренел и на средбите во Брисел.

За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го кажав и во Брисел – не благодарам, тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби, а тоа се оние вредности, кои ги дефинирале Аденауер, Дегаспери и Шуман и затоа ја споделив идејата, ајде да разогвараме, немојте со диктат, не не условувајте со диктат, јас сакам да разговараме колку е потребно да најдеме решение, очигледно сега немаме решение – нагласи Мицкоски.

Повторно се повика на принципот „Pacta sund servanda”, кој како што рече, ако важи за Преспнскиот договор, треба да важи и за Договорот за добрососедство со Бугарија.

И покрај многуте критики како нова Влада го прифативме Преспанскиот договор и ако тој принцип важи за тој Договор, тогаш ЕУ и Брисел треба да го прифатат „Pacta sund servanda“ и за Договорот за добрососедство, во кој никаде не стои дека услов мора да биде ние да го промениме Уставот. Таму никаде не го пишува тоа, дури пишува и дека Бугарија треба да не поддржува и да ни помага. Кога ние зборуваме за одложено дејство, зборуваме за тоа по успешно завршување на разговорите и ратификација на претпристапниот протокол подготвени сме да прифатиме промена на Уставот и за многумина во Брисел беше што е сега ова, а тоа не е ништо поразлично од Преспнаскиот договор – изјави Мицкоски.

Направи паралела меѓу уставните амандмани за Преспа и додаде дека како што тие во сила влегоа, откако Грција го ратификуваше претпристапниот Протокол за членство во НАТО, тоа да важи и за ЕУ.

Еве ќе ја завршиме процедурата, имаме 80 пратеници, но амандманите што ќе ги поминеме нека важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ – рече Мицкоски.

На прашањето дали унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој од денеска е во посета на земјава и чија држава е актуелен претседавач на Унијата може да помогне во таа насока не даде директен одговор, но напомена дека доста е со примена на двојни стандарди на грбот на земјава и оти сето ова нема врска со европски вредности, нагласувајќи дека преговорите значат јакнење на институциите, збогатување на капацитети.

Во врска со можноста за евентуална дестабилизација кај нас, откако Албанија продолжи понатаму, рече дека такви обиди може да има и доколку не сме раздвоени.

Ако некој решил да дестабилизира безбедносната состојба во НАТО земја-членка, ние како држава ќе одговориме соодветно. Нема да дозволиме некој ќе ја дестабилизира земјата – рече премиерот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button