Македонија

СЕКОЈ МОЖЕ ДА СЕ ОТПОВИКА, ПА И ДАНЕЛА MPЗЛИВАТА И ЛИГАВАТА! Се крчка механизам за импичмент на градоначалниците

Тим од актуелни градоначалници предводен од градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, работи на законски измени со кои на граѓаните ќе им се врати можноста на локален референдум да ги отповикаат првите луѓе во општините, кои во моментов се единствени функционери кои се неменливи.

Градоначалник да може да се смени и со локален референдум, а не само на избори.

На изнаоѓање ваков механизам во моментов работи тим од актуелни градоначалници предводен од градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, кој важи за сериозен претендент за кандидат за градоначалник на Скопје на наредните локални избори кои ќе се одржат во октомври следната година.

Ѓоргиевски открива дека се крчкаат измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се воведе можност градоначалникот да биде сменет пред да му истече мандатот.

Скопје - синоним за нефункционален град - ВидиВака

Преголема е моќта на градоначалниците, на оние коишто ги водат општините, но пред сè, сите сме избрани од граѓаните. Сè почнува и сѐ завршува со граѓаните.

Орце ЃоргиевскиГрадоначалник на Општина Кисела Вода

– Ако некој е избран, како што сум бил избран јас, не значи дека може 4 години да спие и да не работи, земајќи ја предвид состојбата дека не постои законска регулатива за некој да го симне од функцијата. Преголема е моќта на градоначалниците, на оние коишто ги водат општините, но пред сè, сите сме избрани од граѓаните. Сè почнува и сѐ завршува со граѓаните. Мора да има механизам, според кој ќе може и порано некој да одлучи за вашиот мандат – изјави Ѓоргиевски во интервју за Радио Слободна Европа.

Конфликтот со Данела ги инспирира барањата за промени

Целта на законските измени е, како што посочува тој, на граѓаните да им се врати можноста активно да учествуваат во одлуките што ги засегаат нивните животи, затоа што сега градоначалниците буквално можат да ги преспијат мандатите без реална одговорност и отчетност за нивното неработење или лошо работење.

За ова најдобро говорат последиците од конфликтот што го имаат дел од советниците со скопската градоначалничка Данела Арсовска, кој им предизвика реални главоболки на скопјани: валкани улици, неискосени паркови, преполнети контејнери, нефункционален јавен превоз…

Градоначалниците на скопските општини веќе побараа од Владата да ѝ ги одземе ингеренциите на Арсовска за јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, ветувајќи дека тие ќе се погрижат за хигиената и за парковите, но министерот за локална самоуправа Златко Перински тогаш изјави дека не постои законска можност за преземање на претпријатијата.

Сепак, тој уште тогаш најави дека ново законско решение за локалната самоуправа е меѓу приоритетните за изработка и е ставено во акцискиот план за работа за следната година.

– Време е да изработиме нов закон за локална самоуправа, во кој ќе биде предвиден механизам за отповикување градоначалник од чија работа избирачите не се задоволни. Секако, претходно ќе има широка јавна расправа во која ќе го слушнеме мислењето, пред сè, на граѓаните, на градоначалниците, на ЗЕЛС итн. Ќе ги сослушаме и сите експерти, ќе ги разгледаме решенијата од соседните земји. Целта е да се донесе современо законско решение за локалната самоуправа, актуелниот закон е стар, од 2002 година – изјави министерот.

 

МОЖНОСТА ЗА ОТПОВИКУВАЊЕ ГРАДОНАЧАЛНИК ПОСТОЕШЕ ВО СТАРИОТ ЗАКОН

Според Законот за локална самоуправа, на градоначалникот може да му престане мандатот во случај на смрт, оставка, ако биде осуден на повеќе од 6 месеци затвор, ако му биде одземена деловната способност, поради неспоивост на функции, ако шест месеци неоправдано не доаѓа на работа или ако се пресели од општината.

Во стариот закон за локална самоуправа од 1996 година, имаше можност граѓаните на референдум да му изгласаат недоверба на градоначалникот, но од 2002 година таа можност беше укината.

„На предлог од најмалку една петтина од вкупниот број избирачи може да се отвори прашање за доверба на градоначалникот. Одлуката за недоверба е донесена ако за неа гласале 51% од вкупниот број гласачи во единицата за локална самоуправа“, наведено е во член 47 од стариот закон од 1996 година кој е променет во 2002 година.

Секој може да се отповика, па и градоначалник!

Професорот по уставно право Борче Давитковски во разговор со Плусинфо вели дека иницијативата за изнаоѓање механизам за прекин на мандатот на градоначалниците е повеќе од неопходна, бидејќи, како што рече, градоначалниците се единствените функционери кои не одговараат политички за своите лоши постапки.

И претседателот на државата, исто како и градоначалниците, се бира преку непосредни избори, но за него постои механизам импичмент, односно отповикување од функцијата. Замислете, за шеф на држава постои таков механизам, а за градоначални не постои.

Борче ДавитковскиПрофесор по уставно право

– И претседателот на државата, исто како и градоначалниците, се бира преку непосредни избори, но за него постои механизам импичмент, односно отповикување од функцијата. Замислете, за шеф на држава постои таков механизам, а за градоначалник не постои. Затоа, ја поздравувам идејата да се извршат измени на Законот за локална самоуправа, оти тоа ни е повеќе од потребно. Добро е и да се прочисти самиот Закон за локална самоуправа затоа што тој е полн со нелогичности. Потребни се здрави и прецизни законски измени кои ќе бидат поддржани буквално од сите политички партии во Собранието. За да се изведе операцијата потребно е двотретинско мнозинство, но јас мислам дека во моментов нема политичка партија која би била против вакво нешто – изјави Давитковски.

Тој додава дека потребно е да се изработи добар текст на Законот со кој ќе се прецизираат надлежностите на Советот и на градоначалниците.

– На пример, според актуелниот Закон за локална самоуправа, директорите на јавните претпријатија ги назначува градоначалникот, а членовите на управните тела ги определува Советот. Поради ваквата небулоза доаѓа до разни конфликти, проблеми и блокади на буџетот. А ако буџетот не биде изгласан, тогаш автоматски започнува избор на советници, но не и избор на градоначалник. Овој закон функционира веќе 22 години и тоа е прилично долг период, но ете, дојде време кога од воочените слабости ја учиме лекцијата и ги подобруваме работите – вели професорот.

Минатата есен партијата ЛДП, која тогаш беше дел од коалицијата на власт предводена од СДСМ, предложи измени на Законот за локална самоуправа со цел да се воведе механизам за отповикување градоначалник, каков што имаше во претходниот закон за локална самоуправа од 1995 година, но не доби поддршка.

Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова минатата недела повторно го поднесе истиот предлог пред пратениците.

Како е на Балканот?

Во Србија промена на градоначалник може да се случи со граѓанска иницијатива која се доставува до Советот на општината, но законот таму е поинаков бидејќи кандидатот за градоначалник го предлага претседателот на градското собрание, а кандидатот не мора да биде прв на изборната листа. Градоначалникот не се избира директно од граѓаните на избори, туку го избира мнозинството советници во градското собрание со тајно гласање. Мандатот на градоначалникот трае четири години.

Во Хрватска градоначалник се избира на избори, но може да се смени со Иницијатива за референдум која може да ја предложат 20% од избирачите во општината или со двотретинско мнозинство од бројот на претставници во општинскиот Совет.

Градоначалникот во Бугарија е избран од населението, но граѓаните преку референдум можат да го сменат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button