Тошковски за вчерашната акција вели – Приведени се четворица
Четири лица се приведени во вчерашната акција во фирми и домови во Струмица, Скопје и Гостивар, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на Охрид.
„Вчерашната акција беше доста опсежна и обемна на повеќе од десетина локации на територија на Македонија. Постапувавме координирано со Обвинителството за гонење на организиран криминал по наредба на судија на претходна постапка како и заедно со останати државни институции како УЈП, Министерство за финансии и Царина. Ова е еден од предметите кои што слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал кој за жал повторно е на штета на буџетот на Македонија односно на парите на народот“, рече Тошковски.
Тој додаде дека првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари.
Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера соопшти дека издало наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови. Биле запленета бројна документација и електронски записи, кои ќе се анализираат.