Итно да се продаде зградата на „Еуростандард банка“ бараат доверителите
Над 80% од доверителите на „Еуростандард банка“ бараат итно да се продаде зградата на пропаднатата банка откако објектот и по трет пат беше ставен на лицитација.
Стечајниот управник заедно со судијата предложиле повторно да се прави проценка на вредноста на зградата, на што се спротивставиле доверителите, истакнувајќи дека со повторната проценка само се одолговлекува процесот и од тоа никој ништо не добива.
Според Законот, ако и третата лицитација не е успешна, се прави прераспределба на имотот, што значи дека доверителите добиваат на хартија потврда дека поседуваат процентуален дел од деловната зграда на Еуростандард Банка, која може да ја уновчат само од идна продажба, која е прашање дали ќе се случи во блиска иднина, и по која цена, пишува порталот „Пари“.
Објектот не може да се продава парцијално туку само интегрално.
Од непродавањето на деловната зграда на Еуростандард банка губат штедачите, доверителите, граѓаните и државата. Поминува време а објектот губи од својата вредност! Повеќе од две години зградата нема сопственик и истиот не се одржува.
Носителите на овој процес (стечајниот управник и стечајниот судија) треба да дадат одговор на прашањето дали е добро и понатаму да се одолговлекува продажбата – пишува порталот.