Утре во 18:00 часот протест против организираните убиства на Онкологија
Под името „Протест против организираните убиства на Онкологија“, утре (понеделник, 4 септември) со почеток од 18 часот, преку социјалните мрежи се шири повик за протест пред Влада, каде граѓаните ќе го искажат гневот и револтот против, како што велат, криминалот кој со години се толерирал на Клиниката за Онкологија.
Според најавите, протестот од Влада ќе продолжи пред Министерството за здравство каде организаторите ќе повикаат на оставка и одговорност од сите министри за здравство.
„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија кои со месеци во животно-загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години“, стои во повикот.
Иницијаторите велат дека скандалот со кражбата на лекови на Онкологија не смее да помине неказнето и повторно само „кабелот да биде виновен“.