Струмичкиот бизнисмен, Ристо Крмзов осомничен за затајување на данок и регистрирање на фантом фирми преку кои цицал од државниот буџет со поврат на лажен ДДВ, е дома без пасош, а за телесна повреда луѓе завршуваат во притвор
Зошто Обвинителството побaра само одземање на пасошот на кумот на Заеви, а сомнежот е за организиран криминал?
Струмичкиот бизнисмен, Ристо Крмзов осомничен за затајување на данок и регистрирање на фантом фирми преку кои цицал од државниот буџет со поврат на лажен ДДВ, е дома без пасош, а за телесна повреда луѓе завршуваат во притвор. Дел од адвокатите кои работат кривични постапки се чудат на однесувањето на Обвинителството кое за кумот на Заеви побара да остане само без пасош со оглед на тоа што се работи за организиран криминал и штета на државната каса од над 14 милиони евра, објавува Алфа телевизија.
Не можам реално образложение да најдам зошто не се води постапка против некој друг, затоа што тие институции се многу битни за вршењето на кривичното дело. Човек надвор од тие институции не може да го направи тоа кривично дело, а тој првиот што е врв на пирамидата поминува само со мерки за претпазливост што исто така е многу чудна работа, вели за Алфа адвокатот Сашко Дуковски.
Засега Обвинителството води предистражна постапка за Крмзов. Тој е сослушан во Судот минатиот месец додека УЈП и МВР му ги претресуваа фирмите и становите. Покрај него, Обвинителството сослушало уште тројца, но тие веднаш се пуштени и не стигнале ниту до Судот. Ниту тогашната директорка на УЈП, ниту директорката на Централен регистар, никој не е опфатен во предистрагата иако е очигледно дека Крмзов без поддршка на институциите не можел да регистрира фиктивни фирми и да зема лажен ДДВ.
На прашање на Алфа што прави Обвинителството за организиран криминал во врска со случајот, одговорија кусо. Обвинителот презема дејствија.
Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и по него активно постапува предметниот обвинител преземајќи дејствија во насока на расчистување на случајот, велат од Обвинителство.
И државниот обвинител во гостување на јавниот сервис веднаш по претресите не беше сигурен дека има доказен материјал за струмичката империја на Крмзов направена преку криминална шема. Било многу рано за да може да знае.
Според информациите, над 8 милиони евра се префрлани на сметки во Турција од фирмите на Крмзов коишто се задолжувале во пропадната банка Еуростандард.
Крмзов веројатно имал спрега и со Јавното Обвинителство чии предмети за поранешен сомнеж за криминал биле чувани во фиока. Ако не било така, упатени коментираат дека и немало да дојде до милионската штета во Еуростандард Банка.
Воедно, истрагата ја вклучува и Царинската управа каде за еден камион увезена роба се плаќало царина од само 1.500 евра, а за истата роба во последниот период по смена на раководството на Царинска управа, се плаќало дури за 15 пати повисоки давачки. Фрапантно е како директорите на УЈП, Сања Лукареска, потоа директорите на Централен Регистар и тогашна Царинската управа останале слепи на ваквиот криминал.