ГРАЃАНИТЕ СЕ ЗАДОВОЛНИ ОД НОВАТА ВЛАДА
Македонските граѓани се задоволни од работата на владата во првите 100 дена, покажуваат истражувањата.
Поголемиот дел од граѓаните немаат ништо против задолжувањето со кредит од Унгарија. Позитивно е мислењето на граѓаните и за мерката замрзнување на цените на одредени производи. Oва се дел од резултатите на истражувањето на јавното мислење кое за МКД.мк го спроведе агенцијата Маркет вижн од 16 до 25 септември на 1.200 испитаници.
Мерката за замрзнување на цените на одредени производи, како позитивна за македонската економија ја гледаат 72,6 отсто од граѓаните, додека како негативна само 18,3% од нив.
Поголемиот дел од граѓаните или 41,2 oтсто гледаат на задолжувањето со кредит од Унгарија за финансирање на инфраструктурни проекти во општините како позитивно случување, додека помал дел или 31,1% сметаат дека оваа владина одлука е негативна.
Владината мерка за линеарно покачување на пензиите 76,8 отсто од испитаниците ја оценија како позитивна за македонската економија. За само 16,6 отсто од испитаниците оваа мерка е негативна.
Една четвртина или 27,4% од граѓаните сметаат дека Владата е нетранспарентна во комуницирањето на нејзините политики и одлуки со јавноста.
Анкетирањето беше спроведено од 16 до 25 септември 2024 година со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници, односно со интервал на доверба од 95% и маргина на грешка +-3%.
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност согласно податоците за резидентното население од пописот 2021 година.