МакедонијаТоп 1
Епа народе, малку ти е! „Каков народ, такви владетели“. Ние сме глупи, а тие итри. Ние сме овци, а тие лисици и волци! Крвожедни, крвопијци! Толку сме прости и предвидливи што не ни се ни плашат веќе. Е сега повеќе сме, и може многу да се постигне заедно, ама со овој памет, НИШТО и НИКОГАШ!
Знаеш кога знаеш дека немаш веќе држава? Кога во се и секаде и секогаш се сомневаш…
– Класнава на родителска, има заслужена факултетска диплома или и е подарена, можеби и на поинаков начин заработена?
– Решениево од јавна институција, т.е. тој што го напишал, случајно да не ги прескокнал првите 4 одделенија основно кога се учи како се чита и пишува?
– Виршливе ми се сомнителни, не е поминат рок на траење, ама сто посто вратени се, па препакувани со нови рокови!
– Брендираниве тренерки, нешто криви шавовиве, можно е да се од пазар од Шутка, сошиена етикета ко божем оригинал?
– Поштарот ми оставил во сандаче отворено плико од сметка и знам – ја прочитал.
– Инјекцијава што треба да ми ја стават, да не има само вода внатре?
– Сестрава, од тие со средно медицинско е или од тие со вечерно завршено на две на три?
– Полицаецов, да не е пијан, да не е некоја тешка будала, кој го проверувал кога го примале?
– Автобусов на ЈСП, има ли кочници, да не се запали, ги проверуваат автобусите на технички преглед пред пуштање во сообраќај?
– Леков во аптека, кој го пакува, некоја фирма лиценцирана или некој си таму близок до некој, дома во гаража?
– Сметкава за струја превисока во споредба со претходната, од ракав ми наплатиле!
– Таксистов, од дивите е, без лиценца, што не смеат да возат, кој го знае што човек е, да не ме нападне или не дај боже силува?
– МВР објавува слика од криминалец и го повикува народов да го пријавел ако го види, ако слика не им е доволна, како ќе ме бранат мене утре?
– Крвнава слика точна ли е, иста ми беше и минатиот месец, можно е железото 2 месеци по ред да ми биде 23? Да не немале реагенси па од ѓутуре?
– Овој што го апсат зошто не платил данок, или е наместен зошто на некого му брцнал во око, или е од некоја друга политичка партија или е од истата ама некого накриво погледнал!
– Детево што игра кошарка во репрезентација а не знае како се држи топка, вистина било најталентирано или нечиво е?
– Комшијава што урла и пушта гласна музика до 5 сабајле, ако го пријавам, можно е да ми тропне на врата и да ме исчука?
– Чипсов да не е отровен? Читав деновиве некој од пазарна инспекција го фатиле на дело како зима мито за да замижи. Може баш тој чипсов требал да го контролира?
– Судијкава што судела за клучни предмети за злоупотреби и корупција, има излезено од пелени или уште ги носи?
– Не дај боже да ми се запали станов, превисоко е, пожарна ќе дојде ли, имаат ли возило, ќе запали ли, ќе стигне ли на време, и ако стигне, ќе дофати ли?
– Оној што зел мито 50 евра повеќе ли згрешил па што лежи затвор, од оној што зел милиони евра, а си се шета на слобода и се рафрла со парите? Зошто никој не го прашува од каде му се?
– Марихуаната за која ги апсат децава низ град, од кое ритче и чија плантажа е дојдена?
И уште мал милион вакви сомнежи… На секој чекор. За најмала ситница. Зошто немаш веќе доверба. Параноја, од оние оправданите. Всушност реален страв, да не си баш ти тој малер, страв за сопствената безбедност и живот, страв од неизвесната иднина. Страв и гадење од се што се случува, поради кои помладите од овде се селат усвет, што подалеку! Без пари се издржува, ама живот во мафијашка држава, тешко!
А знаеш кога знаеш дека НЕМАШ народ кој заслужува држава? Кога на 78% покачени плати на функционерите, на скоро 2 милиони евра за шминкање на сала и 1 милион за рентање возила, на 1 милион за чистење снег и бог знае колку многу милиони за градење на автопат кој повеќе од 10 години никој не го изградил а парите нигде ги нема, мрчи тук так по нешто на ФБ, и тоа кој како, зависи чија партиска книшка ја има. Добар дел од народот за жал и не знае воопшто чии пари се тие, си мисли од дома си ги донеле политичарите кога се колнеле дека ќе му служат на народот, па остава коментари од типот: А бе сите политичари крадат, ништо чудно, ама дај бар нека го исчистат снегот оваа година ко што треба!
Епа народе, малку ти е! „Каков народ, такви владетели“. Ние сме глупи, а тие итри. Ние сме овци, а тие лисици и волци! Крвожедни, крвопијци! Толку сме прости и предвидливи што не ни се ни плашат веќе. Е сега повеќе сме, и може многу да се постигне заедно, ама со овој памет, НИШТО и НИКОГАШ! Си имаме владетели какви што сами си ги бираме, си ги величаме, им молчиме и ги трпиме. ПОАРНО И НЕ ЗАСЛУЖУВАME!