Блиски луѓе на Заев ќе работат за фирма на белоруски конзул во Македонија: Кој ќе копа јаловина во РЕК Битола за 25 милиони евра
Државната ЕСМ, односно производствената подружница РЕК Битола го распиша најголемиот тендер за ископ на јаловина од речиси 25 милиони евра во во последните десет години, а градежна фирма од Битола, „Марковски компани“ за оваа сума ќе треба да го острани слојот земја со кој е покриен јагленот кој потоа се користи како гориво за добивање на електрична енергија.
Според тендерската докуменцијата објавена на Бирото за јавни набавки, РЕК Битола бара од „Марковски компани“ да ископа до четири милиони кубни метри јаловина од наоѓалиштата на јаглен во битолско. Јаловината мора да се ископа транспортира и одложи за да може да се ослободи јагленот.
На тендерот се јавиле двајца субјекти, а работата ја добила „Марковски компани“ која е специјализирана за копање јаглен и јаловина и неколку години наназад одработува договори со РЕК Битола. Вкупната единечна цена за еден кубен метар јаловина изнесува 2.871 денар. Договорот наведува дека ЕСМ има право да не мора да го реализира договорот во целост односно до неговата максимална вредност од 24,94 милиони евра.
„Марковски компани“ , според договорот, има три фирми подизведувачи. Две од нив се струмичките компании „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“. Првата фирма е сопственост на Симеон Крстев, а втората на неговиот син Горан Крстев. Последниот е бизнис-партнер и близок пријател на поранешниот премиер Зоран Заев. Третиот подизведувач е „Топлина“ од охридско Подмоље.
„Марковски компани“ е приватна битолска градежна компанија основана во 2003 година, а сопственик е битолчанецот Борче Марковски кој во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.
Лани оваа фирма од РЕК Битола добила тендер за ископ на јаглен и јаловина во рудникот за јаглен во Брод-Гнеотино во Новаци со вредност од 19,6 милиони евра. Минатата година „Марковски компани“ имала вкупен приход од 30 милиони евра, а завршило со добивка од 6,65 милиони евра.