Османи: СДСМ и ДУИ ќе кандидираат заеднички кандидат за претседател! Дали тоа ќе биде повторно Стево Пендаровски?!
„Како никогаш досега, општеството е поларизирано по однос на едно прашање – европската перспектива. Значи веќе имате граѓани и политички партии кои јасно велат, не можеме без Европската Унија“ – вели во ексклузивното интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ МЕДИА, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, што целосно ќе биде објавено в недела (17.9. 2023).
„Едноставно сме премногу мали, премногу зависни, премногу ранливи, без тој голем систем што го нуди ЕУ и тоа не сме го констатирале ние, го констатирале многу поголеми држави во ЕУ. Една Романија, од денот кога е станата земја членка, осум пати има зголемено БДП [бруто домашен производ] и тоа значи осум пати повисок стандард на граѓаните во овие години. Сите разбираме дека на овој континент не можеме сами“, изјави Османи.
Зборувајќи за „Фронтот за Европа“, идеја што ја промовира лидерот на Демократската унија за интеграција, Ахмети, министерот Османи нагласи дека, засега, на државно ниво се води координацијата со сите политички партии, независно од етничка или било каква припадност, но важно е дали тие се залагаат за членство во Европска Унија или не.
„Се разбира дека на ниво на политичката партија работиме со албанските политички партии во моментот, кои се залагаат за Европска Унија, за создавање на тој фронт, а се разбира како ќе се ближат изборите, тогаш ќе се прошири или евентуално ќе се разговара и со други партии“, открива министерот Османи во интервјуто за Фронтлајн и ЦИВИЛ МЕДИА.
Османи не ја исклучува можноста „Фронтот за Европа“ да настапи со заеднички кандидат на претседателските избори следната година.